Судиите треба да одговараат затоа што суделе притвори за Миле Јанакиески во ситуации кога тој веќе бил во притвор за други предмети и согласно законот, Владата треба да бара парите кои што ќе му ги исплатиме на поранешниот министер Јанакиески како отштета да им се наплати на судиите, вели познатиот скопски адвокат Јанаки Митровски.
Европскиот суд за човекови права донесе т.н. клонирана пресуда по повод апликацијата Јанакиевски против Македонија и образлага дека судот имал релевантни, но недоволни причини за продолжување на куќниот притвор како и не обрнал внимание дека притвор му е веќе определен по други предмети.
Владата откако ќе ги исплати досудените 10.000 евра плус трошоци редно е да постапи согласно законските одредби од Законот за судови односно согласно предвидената материјална одговорност откако овие средства ќе ги исплати да бара да се регресираат од оние судии за кои е утврдено дека сториле повреда на право од Конвенција.
Само така ќе мрднеме од мртва точка. Се дотогаш кучињата ќе лаат караванот ќе врви. Судиите со огромна леснотија ќе продолжат да одредуваат и продолжуваат притвор бидејќи не сносат никаква одговорност.
Медиумите блиски до дпмне ќе спинуваат дека се докажал политички прогон но факт е дека е ова стара болка. Согласно мое истражување за напис во стручно писание Скопскиот кривичен суд во 98.5% ги прифаќа барањата за притвор.
Во корелација со 95-99% осудителни пресуди се доведуваме до состојба на непогрешливост на обвинителството и процент на пролазност рамен на Северна Кореја. Ако се земе предвид и дека над 98% од жалбите за санкција на ЈО Апелација ги прифаќа, де факто сме доведени во состојба дека обвинителот, а не судот суди.
Судот е власт а не подружница на обвинителството и таа папочна врска суд-обвинителство и ултра привилегирана положба на ЈО еднаш мора да се пресече, порачува адвокатот Митровски вообјавата на Фејсбук.