Безбедносните сили во Мјанмар продолжија со употреба на сила против демонстрантите, и денеска отворија оган на повеќе места за да ги растурат протестите против воената хунта, при што се повредени неколку лица, јавија локалните медиуми.
Според „Мјанмар сега“ (Myanmar Now), армијата и полицијата испукале гумени куршуми и солзавец кон демонстрантите во Јангон и Мандалеј, каде биле повредени девет лица, но и во други градови, а има и извештаи за употреба на боева муниција на некои места.
„Монива Газет“ (Monywa Gazette) објави дека пет лица биле ранети кога безбедносните сили испукале боева муниција во градот Монива, а имало и непотврдени извештаи за пукање и повредени во други два града, Мингијан и Магваи.
Портпарол на владејачкиот воен совет не одговори на повиците на медиумите за коментар на овие наводи.
За време на протестите, кои почнаа на 1 февруари кога армијата ги уапси цивилните лидери и ја презеде власта во Мјанмар, досега загинаа повеќе од 20 демонстранти и еден полицаец.