Блаже Миневски

Белградска „Политика“ од 13 јануари 1904 година, следејќи ја дебатата за буџетот на Министерството за надворешни работи на Австро-Унгарија, меѓудругото бележи:

„Зборувајќи за надворешната политика, младочешкиот делегат Кафтан рече дека ’Абдул Хамид се наоѓа во рацете на арбанашка дворска клика, која по никаква цена не сака реформи’, а потоа премина на внатрешната политика на монархијата и на чешкото прашање:

’Веќе многу години Младочесите се трудат да ја заинтересираат нашата дипломатија за неподносливата состојба на Балканскиот Полустров. Од тоа ние би имале огромна корист, а монархијата без пролевање на крв би ги исполнила своите соништа да излезе на Белото Море и така повторно да ја заземе на исток изгубената позиција. Затоа силно се радуваме на австриската спогодба која ни го олеснува продорот на тој пат’, рече Кафтан.

За Македонија Кафтан рече:

’Зарем гроф Голуховски смета дека Турција е способна да се реформира врз основа на Мирцштегската австриска програма, која султанот уште ја нема ратификувано затоа што смета на можните несогласувања меѓу Русија и Австро-Унгарија, и покрај сите нивни договори. Целиот свет знае дека Турција нема да се реформира, затоа што неможе… Мирцштегската програма е залудна работа. Тука треба да се примени истот лек како и на Крит: автономија за Македонија, слободна вероисповед, административна, фискална и судска автономија, со христијански генерален гувернер кој би бил под заштита на големите сили’.