Пишува: Блаже Миневски

„Во Македонија уште многу години ќе тече крв и ќе има свирепости од типот што веќе го видовме за време на нашите истраги и обиколки на теренот. Сите овие свирепости ќе бидат вршени во името на слободата на Македонците, кои се поделени во кланови што неизмерно се мразаат…“, запишал пред сто и десетина години во својот интимен дневник капетан Л. Фалконети, еден од офицерите кои со Мирцштегските реформите биле распоредени во Македонија. Реформите се базирале врз предлогот на англиската влада од 1903 година а се предвидувало главниот инспектор Хилми-паша да добие двајца цивилни агенти, еден од Австро-Унгарија и еден од Русија, надлежни за примена на реформата во македонските вилаети од страна на турската администрација. Покрај нив, за реорганизација на турската жандармерија во Македонија бил именуван странски генерал, под чија команда биле испратени определен број европски офицери.

Еден од тие офицери е и Фалконети, чиј дневник дава пресек на она што се случувало во Македонија во тоа време. Според него,од она што можел да го забележи на теренот, „европските  канцеларии треба да прекинат со поддршката на интригите на Атина, Софија, Букурешт и Белград, и да се остави турската власт сама да ја обезбеди безбедноста“. Во продолжение на својот дневник, Фалконети пишува:

Грците халуцинираат дека Византија може да се обнови!

„На 5 јуни 1905 година една банда од 105 души, бандити регрутирани во Грција, се истовари во Кавала и најверојатно со премолчана поддршка на турските власти се упати на север до Серез, со цел да изврши вооружена пропаганда. Во оваа ситуација Атина со екстремна упорност бара начини за отворање на нови конзулати и школи, испраќа агенти-провокатори и оформува вооружени банди, чија задача е да ги тероризираат селата што се отцепуваат од хеленизмот. Сепак, на крајот, оваа банда беше опколена од еден еден турски одред при што 11 нејзини припадници, сакајќи да се предадат ги кренале кундаците на пушките нагоре, но Турците, наместо да ги заробат, ги убиле сите до еден. По убивањето на овие припадници, остатокот од бандата се предала. Злоупотребувајќи го својот недоволен  буџет од еден милион и шестстотини илјади драхми, што секоја година го троши во Македонија, Атина ги пречекорува износите со поединечни прилози.

Всушност таа ги користи сите средства ’по секоја цена’ да се измамат странските влади и Европа, и да се потврди дека христијанското население во Македонија се Грци. А во последната Грчко-турска војна, погрченото население од Македонија во целост апстинирало од давањето подршка на нивните таканаречени браќа по крв, па Турците можеле да извршат мобилизација во средините населени со  ’Грци’ без било какви проблеми. Какви „Грци“ се тие? Може дури и да наведеме дека одредени ’грцизирани’ трговци од Солун, и од некои други места, ги ставиле на располагање дури и своите финансиски заштеди и опрема за оформување прехранбени резерви наменети за мобилизираните армиски корпуси на турската армија! Интересно е дека ниту еден ’Грк’ од Македонија не сакал да стапи во редовите на армијата на кралот Георги, но и не бил присилен да го направи тоа“, пишува Фалконети.

Сепак, подвлекува тој, површно гледано, денес Гркот е сојузник на Турчинот во Македонија:

„Грчките кајмаками, со цел да ги решат проблемите, заеднички презедоа обврска во црквите на Патријаршијата да префрлат што е можно поголем број егзархисти. Прогресивната примена  на програмата за реформи малку го спречи ова  движење. Главниот инспектор на трите вилаети, Хилми-паша, официјално одлучил сегде каде што населението ќе побара да се воспостави status quo од моментот пред случувањата во 1905 година. Од друга страна, политички и религиозен идеал на хеленизмот е  да се реконструира Византија. Сметајќи ја Атина како провизорен главен град, Грците сметаат дека треба да ја возобноват големата Византиска империја а како последица на тоа, сите провинции во Европска Турција, треба да и припаднат нејзе. Залажувањата со овој сон, што никогаш нема да биде исполнет, врши притисок врз Грците за влегување во халуцинативна борба меѓу нациите, типична за нивниот разочарувачки идеал. Самите знаат дека во Серскиот санџак, како и во трите вилаети, бројот на вистински Грци реално е најнизок од сите. Дури и најбрза анкета меѓу населението овозможува секој многу лесно да се увери во тоа. Фактите се во нивните имиња. Сите ’Грци’ се викаат Стојан, Васил, Митре, Марко, Трајко, Ѓорѓи… Овие имиња немаат никакви допирни точки со јазикот на Хомер и без сомнеж имаат словенско потекло. Затоа, од овие причини, Македонците-партијаршисти, значи оние што го зборуваат грчкиот јазик, ги нарекуваме ’грцизирани’ лица, а не Грци. Впрочем, во текот на нашите обиколки ни се случуваше на ’Грците’ да им го поставиме прашањето: ’Кој сте вие’ а тие ни даваа невозможен одговор: ’Јас сум Грк’, а притоа, во многу случаи, сосема го игнорираа или воопшто не го знаеја грчкиот јазик.“

’Гркот’ или Гркот е шпион, лажго и тргиовец со сомнителна чесност!  

Во својот дневник од 1905-1906 година, капетанот Л. Фалконети констатира дека ’грчката пропаганда во Македонија се реализира по секоја цена, со посредство на поповите и учителите, грчките конзули и вооружените банди, кои понекогаш оперираат со премолчена согласност на отоманските власти’.

Според него, за илустрација на  свирепите измами на хеленизмот во Македонија ќе биде доволно да се наведе неодамнешното расцепување на влашкиот елемент, кој ’Грците’ од Македонија го сметаат за сличен со нив, иако овие поранешни трговци во земјите на источниот Медитеран и источните пазари самите се нарекуваат Власи или Куцо-власи, а со сигурност се од латинско потекло… Тие го населуваат Серскиот  санџак со 15.000 жители, и не се Грци.

„Пред неколку години еден познат човек по име Апостол Маргарити, жител на Македонија, ги разбранува сите идеи на неговите браќа по крв. Тој си дозволи да го нападне хеленизмот со изнесување податоци дека од другата страна на Дунав живее народ со исто потекло како и неговиот, и дека тој народ си има формирано своја независна држава. Тој бил промотор на расколот во влашката заедница се до нејзиното соединување со панхеленистичката идеја, односно иницијатор на поделбата на оние што ја застапуваат идејата да бидат Грци, и оние што сакаат да бидат Романци. Идејата направила брз напредок; насекаде се основале училишта во кои наставата се одвивала на турски, влашки и француски јазик. Значи, никаде на грчки јазик. По бугарскиот раскол, ова е втор најтежок директен удар што досега го има претрпено Патријаршијата, тоест хеленизмот во Македонија. Борбата се манифестираше како и секогаш не само на педагошко поле туку и во црквата, каде што тиранијата и неумоливиста на ’Грците’ беа проследени со екстремна омраза. Егзархиското свештенство, воодушевено од овие поделби, ги искористи сите сили со ласкање да ги придобие своите изгубени овчички што грчкиот пасторален стап често ги казнуваше, затоа што не беше способен да ги одржува во хеленистичкиот скут.

Како податок од документарна природа ќе наведеме дека влашкиот елемент е способен да влијае на привидната политичка рамнотежа на расите во Македонија. Сепак, ако ни се дозволи да го изнесеме нашето видување за карактерот на ’Грците’ во Серскиот санџак, ќе го објавиме следново:

’Гркот’ или Гркот е измамник и лажго, кој често пишува анонимни писма против странските конзули и други службени лица… Во моментот тој е сојузник со Турците. Им служи како шпион кој им доставува разузнавачки податоци, при што секогаш е подготвен за двојна игра во непријателствата со егзархистите. Овие непријателства често завршуваат со крвави пресметки. Половина земјоделец, половина војник, Гркот е и трговец со сомнителна чесност. Насилен е кон соседите, а Турците воопшто не го ценат и го користат само во процедурите за поткажување, односно за стратегијата ’подели па владај’, својствена на Отоманската империја“, запишал капетан Фалконети.

Сепак, знаејќи ја  ситуацијата, продолжува тој, и признавајќи им ја на Македонците нивната легитимна аспирација за слобода, треба да се запрашаме дали, ако сега се решава прашањето на Ориентот, тие би биле  зрели за слобода. Ако ми биде дозволено да го кажам моето мислење ќе кажам дека мислам оти не е така. Евидентно е дека во контекст на интересите на Австријците, Италијаните и Русите, последниве ќе застанат на страна на Македонците. Затоа најдобро е уште извсно време да се задржи status quo – то. Се чини дека европските кабинети треба да прекинат со поддршката на интригите на Атина, Софија, Букурешт и Белгртад, и да се остави турската  власт, со уништување на комитските и други банди, сама да си ја осигура безбедноста. Според мене, во Македонија во текот на многу години ќе тече крв и ќе има свирепости од типот што веќе ги видовме за време на нашите истраги и обиколки на теренот:

„Сите вакви свирепости ќе бидат вршени во име на слободата на Македонците кои се поделени во кланови кои неизмерно се мразат… Заклучокот е дека Македонците не ги заслужуваат напорите што цивилизираниот свет ги чини во нивна полза…“, заклучува во својот дневник капетан Л. Фалконети, член на меѓународните жандармериски сили во Македонија од првата декада на минатиот век.