Министерството за надворешни работи на Македонија денеска соопшти дека ги осудува непримерните квалификации во содржината на Декларацијата на Советот на Општина Благоевград, што се однесуваат на македонскиот народ.
– Очигледно е дека ваквите декларации се во спротивност на интенцијата на двете влади за градење доверба меѓу народите на двете земји и со духот на Договорот за пријателство и добрососедство, чија основна цел е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување, се наведува во соопштението.
Од МНР уште еднаш потенцираат оти интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството.
– Во оваа насока ги охрабруваме и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности кои создаваат пријателство, меѓугранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка, се додава во реакцијата на МНР.
Соопштението на МНР претставува реакција на Декларацијата усвоена од Советот на бугарската Општина Благоевград, со која се изразува противење на отворањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во овој град, со оценка дека таквиот чин претставува провокација.
– Категорично се спротивставуваме на антибугарската провокација за отворањето на т.н. Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ на територијата на Општина Благоевград, се наведува во Декларацијата, во која се додава дека „македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната“.
Потенцирајќи дека „Никола Јонков Вапцаров е бугарски поет“, општинските советници на Благоевград оценуваат дека формирањето на центар со неговото име во нивниот град претставува „груба провокација од нелегитимни организации“.
– Сметаме дека сите дејствија за создавање на организација во која група луѓе се самоопределуваат како „малцинство“ во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија. Исто така, сметаме дека со ваквите провокативни дејствија грубо е прекршен Договорот за добрососедство и погазени се сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со РС Македонија и е попречен нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската унија, се наведува во Декларацијата.
Основач на клубот „Никола Вапцаров“ е Друштвото за заштита на основните човекови права, кое е регистрирано во Бугарија.