Се уште неизвесно колку пари ќе бидат потребни да се покрие дупката во буџетот, а премиерот Димитар Ковачевски не открива колку пари побарала Македонија од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој идната недела доаѓа во нова мисија во Македонија.

Ова се случува откако поранешниот премиер Никола Груевски во време на „режимот на Груевски“ престана да бара кредити од ММФ и целосно ја ослободи државата од неповолните аранжмани.

Како што објави ТВ Канал 5, Министерството за финансии ги прави последните пресметки за ребалансот на буџетот, а се чека неделава тим на ММФ да изврши увид и да оцени дали ги исполнуваме условите за заем кој би бил со камата од еден отсто.

Ковачевски очекува сето тоа да заврши до 3 мај по што ќе бидат познати контурите за прекројувањето на државната каса.

Ковачевски очекува 100 милиони евра да бидат заштедени. Информираше и дека земјава веќе ги завршува процедурите со ЕБРД за заемот од 100 милиони евра со кои земјава ќе се справува со последиците од енергетската криза.

Во јавноста веќе излегоа информации дека министерот Фатмир Бесими на средбите во Вашингтон побарал заем од 900 милиони евра, пари со кои треба да се покрие дупката во буџетот.

Ова задолжување ќе го зголеми јавниот долг од 61 на 63 отсто од БДП.