Крајниот рок до кога Бугарија треба да одговори на предлогот на француското претседателство за деблокирање на европскиот пат на Македонија не е 23 јуни и тоа може да се случи во друг формат до истекот на претседавањето на Франција со ЕУ, односно до крајот на месецот, се наведува во Извештајот на бугарското Министерството за надворешни работи од 20 јуни доставен до Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија.

Во извештајот се наведува и дека се инсистирало да се вклучат Бугарите во Уставот на Македонија пред отворање на првиот кластер „Основни принципи“, а не пред официјалниот почеток на преговори со Европската унија (ЕУ).

„Со Скопје не е постигнат договор дека првата меѓувладина конференција (за отворање на пристапните преговори) ќе се случи откако … Македонија ќе ги вметне Бугарите во Уставот“, објави „БНР“.

Бугарското МНР исто така признава дека не е реално да се очекува дека сите држави членки на ЕУ ќе ја поддржат Бугарија во нивниот став за македонскиот јазик и идентитет.