Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека вчера на сотстанок бил повикан вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Софија поради, како што се наведува, „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“.
Во соопштението не е прецизирано на кои политичари и за кои тврдења се однeсува реакцијата, но се нагласува дека Софија „категорично се противи на обидот Бугарија и билатерални односи да се вклучуваат во внатрешната политичка дебата во РС Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања“.
– Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање на постојаните провокации во јавниот простор на С. Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на општествен спокој за да може да се спроведат потребните реформи. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не се разбрани и ценети од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како изговор за недостигот на напредок пред своите граѓани, стои во соопштението.
Во него, бугарското МНР, „уште еднаш ја поканува политичката елита во Македонија да ја покаже потребната политичка зрелост, да даде конструктивен придонес во спроведувањето на политичките обврски преземени во рамките на компромисот од 2022 година и стриктно да го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година“.
– Тоа е единствената можност да се постигне вистински напредок во процесот на европска интеграција на земјата за доброто на нејзините граѓани, се вели во реакцијата од Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Од Министерството нагласуваат дека категорично се противат на обидот Бугарија и билатералните односи да се вклучат во внатрешната политичка дебата во Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања.
На соопштението претходеше тоа што бугарското ВМРО порача да биде повикан македонскиот амбасадор поради изјавите на актуелниот претседател, Стево Пендаровски, поради, како што велат „говор на омраза кон бугарската држава“.
Бугарскиот новинар познат и како поранешен соработник на комунистичката служба за безбедност Велизар Енчев во Фејсбук статус го обвини Пендаровски дека „и објавил војна на Бугарија“ коментирајќи ја состојбата со македонското малцинство во државата.