Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи Кристофер Бургер изјави дека новата германска влада нема да соработува со Република Српска затоа што нејзиното политичко раководство, како што вели тој, работи на уништување на Босна и Херцеговина.

Бургер посочи дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во понеделникот изјави дека ЕУ мора да испрати јасен сигнал против обидите за отцепување, како и да се осигура дека деструктивната политика на српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик нема да помине без последици.

– Оваа политика е остар и опасен напад врз единството на БиХ и Дејтон. Затоа, јасно ни е дека нема да соработуваме со ентитетот кој активно работи на уништување на БиХ, а ние работиме на ниво на ЕУ за прераспределба на средствата наменети за Босна и Херцеговина, соопшти Министерството за надворешни работи на Германија.

Бургер, исто така, рече дека мерките против поединци кои го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на БиХ се разгледуваат и во рамките на Европската унија.

– Ние сме во близок контакт со нашите партнери во ЕУ, но и со Соединетите Американски Држави и Велика Британија. Тоа се теми за кои во моментов се разговара со цел да се стави јасен знак „стоп“ на таквите неприфатливи сецесионистички тенденции, рече портпаролот Бургер.

Како што објавија сараевските медиуми, кога ќе се носат такви одлуки не зависи само од германската влада, туку и од координацијата со европските партнери.