Лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ едногласно се договорија да ги продолжат економските санкции против Русија за дополнителни шест месеци, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

–  Лидерите на Европскиот совет едногласно се согласија да ги продолжат економските санкции против Русија. Ја повикуваме Русија да се придржува до својот дел од договорот и да продолжи со спроведувањето на договорите од Минск“, изјави синоќа Мишел.

Како што јави руската агенција ТАСС, лидерите на ЕУ на вчерашниот самит се договориле и да воведат дополнителни санкции за Русија, во партнерство со САД и Велика Британија, доколку руската армија ја нападне Украина.

„Секоја натамошна воена агресија врз Украина ќе има огромни последици и сериозни трошоци како одговор, вклучително и рестриктивни мерки координирани со партнерите“, истакнуваат лидерите на ЕУ во завршното соопштение објавено по вчерашниот самит во Брисел.

Во 2014 година, ЕУ воведе санкции кон Русија поради настаните во Украина и припојувањето на Крим кон Руската Федерација.

Кремљ ги негира обвинувањата на Западот, вклучително и каков било план за инвазија на Украина.