Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац денеска го обвини шпанскиот премиер Педро Санчез дека е „соучесник во повиците за геноцид врз еврејскиот народ“, откако земјата ја призна палестинската држава.
„Хамнеи, Синвар и вицепремиерката Јоланда Дијаз повикуваат на елиминација на Израел и формирање на исламска палестинска терористичка држава од реката до морето“, напиша Кац на X, мислејќи на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, лидерот на Хамас во Појасот Газа и заменичката на Санчез.
Дијаз минатата недела заврши свој говор со пораката „од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“, а подоцна рече дека тоа било поддршка на решението со две држави за израелско-палестинскиот конфликт, пренесоа израелските медиуми.
„Санчез, со оглед на тоа што не ја отпушташ својата заменичка и прогласуваш признавање на палестинската држава – ти си партнер во поттикнувањето геноцид врз Евреите и воените злосторства“, напиша Кац.