Министерството за надворешни работи информира дека преку различни транспортни канали, уште десет наши државјани го напуштија Израел, и тоа: четири со лет до Атина, петмина до Подгорица, а едно лице со лет до Истанбул; заедно со оние кои претходно тоа го сторија, вкупната бројка за изминативе два дена надмина 30 наши државјани што го напуштија Израел.
-Еден дел од нив веќе имаат обезбедено билети преку редовните летови кои се активни преку меѓународниот аеродром во Тел Авив кој е во целосна функција. Дел од нив се наоѓаат во подрачја кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни, за што веќе е обезбеден внатрешен транспорт низ територијата на Израел за нивно префрлување на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома. Меѓу нив се и двајца наши државјани во Појасот Газа, за чие извлекување е задолжена Амбасадата на С. Македонија во Каиро, која е во директна комуникација со Министерството за надворешни работи на Египет. Како што претходно објавивме, според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел престојуваат до 200 наши државјани, од кои поголемиот дел е прецизно лоциран и редовно се одржува комуникација со нив, се до нивно враќање во С. Македонија. Министерството за надворешни работи изготви информација за состојбите во Израел, со проекција за наредните денови, која е доставена до Владата која одлучува за наредните чекори, велат од МНР.
Во меѓувреме, апелираме до нашите државјани во Израел да го следат Националниот портал за итни случаеви (www.oref.org.il), односно тн. Home Front Command, специјализиран за цивилна заштита, кој излезе со нови препораки до населението, како и да се почитуваат сите други упатства на надлежните институции на Израел.
Потсетуваме дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија на располагање ги има и двата СОС дежурни телефони – 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378