Од Министерството за надворешни работи денеска соопштија дека по дипломатски пат, соодветно реагирале до официјална Софија, да се огради од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Македонија, и воедно серизно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји.
– Министерството за надворешни работи со големо внимание ги следи изјавите на одредени маргинални политички фигури од Р. Бугарија чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите кои ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави, истакнаа од МНР.
Така гласи „острата“ реакција од Министерството на чие чело е Бујар Османи на вчерашните провокации и негации на Македонија и македонскиот народ од страна на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски. И тоа среде Скопје и во време кога и Османи заедно со власта во Македонија ги убедува граѓаните дека треба да се отвори Уставот и во него да влезат Бугарите за да го продолжиме патот кон ЕУ. А Џамбаски е пратеник во парламентот на ЕУ и среде Скопје вчера и „го трасира тој пат на Македонија“.