Министерката за одбрана Радмила Шекеринска е поканета да се приклучи на Мрежата на ново лидерство, формирана од меѓународната организација Глобален прогрес.

Како што соопшти денеска Министерството за одбрана, иницијативата потекнала од основачите на Мрежата – европратениците Сандро Гоци од Италија и Кети Пири од Холандија и основачот на Глобален прогрес и поранешен директор на меѓународната Мрежа на политики, предводена од Тони Блер и Герхард Шредер, Мет Броуни, кои и упатиле писмена покана на Шекеринска да се приклучи.

Глобал прогрес е меѓународно етаблирана организација на стратези, мислители и лидери од левицата која соработувала со новата генерација на прогресивни лидери како францускиот претседател Емануел Макрон, новозеландската премиерка Џакинда Ардерн, премиерот на Канада Џастин Трудо и поранешниот премиер на Италија Матео Ренци.

– Мрежата на ново лидерство ќе обедини околу 50 лидери од обете страни на Атлантикот и пошироко, кои доаѓаат од различни делови на прогресивното движење. Целта е да се развиваат нови идеи и да се создаде нова енергија за заедничката цел на сите прогресивни партии, особено во светло на глобалната пандемија и економските и социјални ризици кои ќе следат, се додава во соопштението на МО.