Индискиот пилот Смит Мачар, кого го нападна копилотот за време на лет кон Израел, денеска изјави дека ги отворил вратите на пилотската кабина за да им овозможи на патниците да влезат и да помогнат да се спречи наглото понирање на леталото.

Во видеоразговор со индискиот премиер Нарендра Моди, капетанот Мачар рече дека сфатил, додека копилотот го напаѓал, дека авионот губи висина и дека мора нешто да преземе.

Тој му објасни на премиерот како се обидувал, повреден, да ги отвори вратите на пилотската кабина, пренесува Би-Би-Си.

– Се борев за сопствениот живот, но истовремено знаев дека нема да дозволам други да загинат – додаде пилотот, кој по инцидентот беше хоспитализиран и е во стабилна состојба.

Моди му рече на капетанот дека „неговата храброст, трпение и брзо донесување одлуки спасиле животи на многу луѓе“.

По нападот врз пилотот Мачар, за време на летот на компанијата Флај Дубаи од Дубаи за Тел Авив, авионот мораше да го промени курсот и да слета во Саудиска Арабија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека напаѓачот „многу веројатно имал намера да го собори авионот“, како и дека има индикации дека „поминал низ исламистичка радикална индоктринација“.