Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Иран можеби е поврзан со копилотот на авионот на компанијата „Флај Дубаи“ кој се обиде да го урне авионот на летот кон Израел.
На прашањето на новинарите пред Белата куќа дали е запознаен со евентуалните врски меѓу напаѓачот и Техеран, Трамп рече дека тоа во моментов се истражува.
– Би рекол дека одговорот, врз основа на она што го слушам, е да – им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, додавајќи дека истрагата сè уште трае.
На прашањето дали САД би му возвратиле на Иран доколку се утврди дека Техеран е вмешан, Трамп одговори: „Ќе бидат погодени, многу силно, не грижете се“.
Инцидентот се случи на летот на компанијата „Флај Дубаи“ од Обединетите Арапски Емирати кон Тел Авив, со 174 лица во авионот, главно израелски државјани. Копилотот, државјанин на Оман, го нападна пилотот и му нанесе повреди, по што авионот почна нагло да губи висина.
Патниците успеаја да влезат во пилотската кабина и да го совладаат копилотот, додека други пилоти кои се наоѓаа меѓу патниците помогнаа авионот да се стабилизира и да слета во Саудиска Арабија.
Истрагата за мотивот на нападот е во тек, а регионален официјален претставник изјави дека се разгледуваат сите сценарија, вклучително и тероризам и можност за психички проблеми. Идентитетот на осомничениот не е официјално објавен.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека осомничениот, според информациите со кои располага, поминал низ исламистичка индоктринација, но неговиот кабинет не одговори на новинарско прашање врз основа на што е изнесено таа тврдење.
На прашањето за можна вмешаност на Иран, Нетанјаху претходно рече дека е „прерано да се каже“.
Израел побара на неговите истражители да им биде овозможено да учествуваат во испрашувањето на осомничениот, а безбедносни и разузнавачки претставници на Израел веќе се во Саудиска Арабија.




