Има две опции за ФФМ, едната е да биде Фудбалска федерација на Северна Македонија, а втората е да биде Фудбалска национална федерација или нема веќе пари од државата, вели директортот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Тој во интервју за весникот Вечер најавува дека ќе ги укине сите средства на фудбалските клубови, поради, како што вели, „незаконското однесување на ФФМ кон државата“ и непочитување на Договорот од Нивици односно Преспанскиот договор со кој Македонија стана Северна.
– Законот е јасен за сите, не може 64 федерации кои се признаени од државата и од АМС, да се усогласени со законот за спорт, а една да не е. Тоа е голем проблем затоа што тие не ги почитуваат државните закони, а бараат средства од нас и сè друго. Законот мора да важи за сите и проблемот е тука без разлика дали Сејдини е претседател или некој друг. Прво да заврши ЕП, а потоа, со 99 отсто сигурност можам да потврдам дека ќе ги стопирам сите средства за клубовите поради непризнавање на законот на самата држава. Тие може да се повикуваат на некаков закон во УЕФА или ФИФА, но клубовите играат во Македонија, шампионот ја претставува нашата земја во ЛШ. Станува збор за Фудбалската федерација на Македонија и ти имаш обврска да ги почитуваш законите на државата. Дури 99 отсто од клубовите се финансираат од АМС и затоа ќе видиме колку е важна државата и законите. Можеби тоа е на штета на клубовите, но не е можно да добиеш поддршка за нешто нерегуларно, да бидеме сооучесници со вас. Јас како спортист нема да застанам, нема враќање назад и ќе го истуркам до самиот крај, вели Мојсовски.
Тој додава дека или ќе биде ФФСМ, ФНФ или нема пари.
-ФФМ има добиено пари од АМС, од државата, околу 1,4 милиони денари за младински категории во февруари. Ние мора да го испочитуваме Преспанскиот договор и има две опции. Едната е да биде Фудбалска федерација на Северна Македонија, а втората е да биде Фудбалска национална федерација, вели Мојсовски.
Мојсовски во интервјуто тврди дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи, не бил во право кога изјавил дека ФФМ нема обврска да го менува името.