Парламентот на Молдавија денеска одобри преименување на националниот јазик од молдавски во романски. Одлуката е донесена со просто мнозинство на владејачката партија Акција и солидарност.
„Предлог-законот за спроведување на некои одлуки на Уставниот суд е усвоен во второ читање со гласовите на 58 пратеници“, изјави претседателот на Собранието, Игор Гросу, за време на седницата што се емитуваше во живо на социјалните мрежи.
Во Молдавија амандманите на Уставот мора да добијат двотретинско мнозинство во Парламентот, што значи 67 од вкупно 101 пратеник. Доколку, пак, претходно се предложени од Уставниот суд, доволно е и просто парламентарно мнозинство. Уставниот суд предложи промена на името на јазикот уште во 2013 година. Иницијативата за промена на името на јазикот е поднесена од владејачката партија Акција и солидарност.
Според тој предлог, терминот „молдавски јазик“ во која било граматичка форма се заменува со терминот „романски јазик“. Дополнително, зборовите „државен јазик“, „официјален јазик“ и „мајчин јазик“ се заменуваат со зборовите „романски“ доколку се однесуваат на државниот јазик на Молдавија.