Во Бугарија денеска е молк пред утрешните предвремени парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Софија.
Според поголем дел од социолошките истражувања во Бугарија, партијата на шоуменот и ТВ водител Слави Трифонов води со минимална предност пред владејачката партија во Бугарија веќе 10 години – ГЕРБ на Бојко Борисов.
Последната анкета спроведена од агенцијата „Тренд“ покажува дека партијата „Има таков народ“ ја има довербата од 21,3 проценти од гласачите, а ГЕРБ-СДС од 20,5 отсто. Бугарската Социјалистичка партија засега останува на трето место со 15,9 отсто поддршка од гласачите.
За време на предизборната кампања, партијата на поранешниот министер за правда Христо Иванов, прозападната „Демократска Бугарија“, успеа да регистрира раст на поддршката за нешто повеќе од еден отсто во однос на нејзиниот ривал, Движењето за права и слободи, која може да биде четврта политичка сила во новиот бугарски Парламент.
Коалицијата на поранешниот народен правобранител на Бугарија, Маја Манолова „Исправи се“, според анкетата, ќе влезе во новиот Парламент со освоени 5,1 отсто од гласовите. Во новиот 46-ти состав на Народното собрание на Бугарија би се нашла и коалицијата „Бугарски патриоти – ВМРО, Волја и НФСБ“, која би го достигнала изборниот праг до четири проценти.
Под парламентарната бариера, но со мал пораст во рамки на кампањата, е проруската партија во Бугарија, „Преродба“ со 3,1 процент поддршка од граѓаните.