Министерството за образование и наука (МОН) денеска соопшти дека заедно со Владата се должни и ќе ја спроведат матурата за да обезбедат можности за сите над 14.000 учениците кои ја пријавија да ја полагаат и да продолжат да учат и да се запишат на факултет. Според Министерството, бојкотирање на оваа суштинска должност и одговорност е неприфатлива.
Од Министерството посочуваат дека е неодоговорно да им се ускрати правото на оние кои решиле да продолжат на факултет.
Потсетуваат дека учениците кои не планираат да продолжат на факултет, имаат избор да полагаат само училишна матура и стручен испит.
-Државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија како што МОН уште на почетокот на учебната година одлучи, а со тоа беа сложни и матурантите и средношколските здруженија и наставниците и родителите, појаснуваат во соопштение.
Од МОН појаснуваат дека се направени измени и во постојната концепција, воведени се два дополнителни изборни предмети- географија и информатика, и ја усогласивме проектната задача за да биде интересна за матурантите. И тоа е направено заедно со средношколците.
-Исто така, потсетуваме дека работна група во која учествуваат претсавници на средношколците и Државниот испитен центар ќе подготви целосно нова концепција за државна матура, која ќе се користи веќе од идната година и со ова за кратко време направен е голем исчекор кон подобрување на целиот концепт, посочуваат од Министерството.
Апелираат дека образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации.
-Министерството од самиот почеток прави се да не дозволи пандемијата да се одрази на развој и напредок на учениците. Свесни сме дека пандемијата донесе многу предизвици и промени, но тоа не смее да ги поколеба учениците и матурантите да продолжат да учат и да се надградувате. Бојкотот на група матуранти не оди никому во прилог и во овој случај целосно енеоправдан, се наведува во соопштение.
МОН посочува дека останува силен партнер на учениците, матурантите, наставниците и родителите и како и досега отворено и заеднички ќе дискутираат за сите предизвици, но сега, како што појаснува во соопштение, потребен е разум и прифаќање на состојбите.