ВМРО-ДПМНЕ предлага пописот да биде електронски затоа што ќе биде поефикасен, затоа што ќе биде по економичен, и затоа што електронски попис е по европски, изјави Антонио Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

–  За власта и сите други субјекти да имаат поголема доверба и во електронскиот попис предлагаме електронскиот попис да има и свој мониторинг, а мониторингот да го вршат стручни лица и професори од Факултетот за информатика ФИНКИ. На тој начин стручните лица кои што се разбираат од бази на податоци и нив вкрстување ќе бидат одговорните субјекти кои што на цела јавност ќе и дадат убедување дека пописот е веродостоен, наместо да се попишуваат по партиска линија регрутирани попишувачи од СДСМ и ДУИ. Затоа сметаме дека власта треба да се одважи и да прифати електронски попис со мониторинг на стручни лица и професори од ФИНКИ, одговори Милошоски на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Ја пренесуваме целата денешна прес конференција:

Директорот на ЕЛЕМ Васко Ковачевски продолжува со тендерите и со договорите кои што значат дополнителна штета на Буџетот на државата. Директорот Ковачевски би требало да си даде оставка од директор на АД ЕЛЕМ заради лакомоста за профит на приватни лица и фирми блиски до фамилијата на власт, обвинува Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Заради овие договори производствената цена во РЕК Битола се зголемува за 20 проценти за киловат час електрична енергија. 20 проценти поскапа струја во РЕК Битола кон ЕЛЕМ значи 20 проценти поскапа струја кон ЕВН. Таа разлика понатаму ќе ја плати АД ЕЛЕМ со загуби или ќе ја платат граѓаните преку поскапа струја. Но, бидејќи АД ЕЛЕМ е Акционерско друштво во државна сопственост загубите на крајот и на АД ЕЛЕМ по втор пат ќе ги платат граѓаните кои што го полнат Буџетот. До ВМРО-ДПМНЕ стигнаа 11 склучени договори за ископ во вкупна вредност од околу 4 милиони евра, пари кои ќе се дадат за изнајмување на машини од приватни фирми, за ископ на јаглен, при што цената за ископ на еден тон јаглен се зголемува од 15 на 30 евра за еден тон, рече тој.

Оцени дека ова е двојно зголемување на цената за ископ на јаглен што влијае на рентабилноста на АД ЕЛЕМ и на цената на струјата што ја плаќаат граѓаните.

-Производството на струја во РЕК по методите на Ковачевски и Заев станува нерентабилно за државата и станува многу скапо за граѓаните. Ваквите двојни цени за ископ на јаглен значат зголемен профит за поединци блиски до фамилијата на власт а цената на крајот сепак ја плаќа народот. Повторно ќе гледаме како камиони со струмички таблици како работат во РЕК Битола, повторно ќе гледаме како Силјан Мицевски зголемува милиони на своето салдо, додека едвај народот преживува од месец до месец. Затоа сметаме дека господинот Ковачевски треба или да ги раскине овие 11 штетни договори за ископ или да го праша Заев дали смее да си поднесе оставка од АД ЕЛЕМ. Како и да е доколку не постапи на ваков начин, тоа ќе резултира со негова одговорност, порача Милошоски.