Во средните училишта во Македонија кои имаат насоки од здравствена струка повеќе не ќе може вонредно да се запишуваат ученици.

Од Министерството за образование и наука за МИА потврдија дека во овие училишта е пратен допис со кој се бара запишувањето вонредни ученици да се стави во мирување.

Досега вонредно можеше да се заврши средно образование за медицинска сестра, фармацевтски техничар и за други профили од здравствена струка. Неофицијално, заинтересирани се најчесто кандидати со завршено средно образование, кои се преквалификуваат со намера да стекнат диплома во овие области и да конкурираат за работа во странство.

МОН не ја прецизира причината за оваа одлука, но посочува дека таа е донесена за да се заштитат националните интереси.

– МОН испрати допис до сите училишта во кои се реализира здравствена струка, дека запишувањето вонредни ученици се става во мирување. Одлуката е донесена во насока на заштита на националните интереси, а согласно анализа на состојбите на пазарот на трудот, велат од МОН за МИА.

Професионалните здруженија на медицинските сестри досега повеќе пати укажуваа дека за прекратко време и со вонредно учење, како медицински сестри се вработуваат недоволно искусни и неиспраксирани кадри, кои поминале едукација којашто бара и понатаму да бидат континуирано мониторирани и да им се помага.

Националното Здржение на медицински сестри, техничари и акушерки смета дека треба да се направи категоризација во професијата медицинска сестра, според формалното образование, клиничките вештини и компетенциите со кои секоја сестра се стекнала, како и со неформалното учење за кое таа има документ.

Медицинските сестри и акушерки, пред да почнат да работат, обавуваат приправнички стаж кој за медицински сестри со средно образование трае 6 месеци, по што полагаат стручен испит пред комисија формирана од Министерот за здравство. Со полагање на приправнички стаж се стекнуваат со лиценца за работа. Проблемот е во тоа што постои можност, некој кој четири години воопшто да не учел средно училиште за медицина, да се преквалификува со вонредно полагање на испитите.

Така, според извори во медицинските кругови, за исклучително кратко време кандидатот се стекнува со диплома за завршено средно медицинско училиште, којашто ја зел за година или две и со недоволна пракса.

Медицински сестри сведочат дека на работа биле примани така завршени нивни млади колешки кои немаат основни познавања од медицинската практика и претставуваат голема опасност за пациентите.