Министерството за образование и наука информира дека наставата продолжува да се одвива непречено, следејќи ја веќе утврдената динамика и организација.
Помалку од еден процент од учениците и кадарот во основните и средните училишта се заразени со КОВИД-19 и согласно со овие податоци, наведува МОН, може да се заклучи дека протоколите се ефикасни во намалување на ризиците за ширење на вирусот.
– Според извештаите кои училиштата секојдневно ги доставуваат до МОН, од вкупниот број 259.235 ученици на ниво на држава, процентот на заразени изнесува само 0,06, а од вкупниот број 27.955 наставници и друг кадар овој процент е 0,58, што е далеку под еден процент. Во рамки на наставата со физичко присуство, регистрирани се вкупно 40 ученици позитивни на коронавирусот и 52 вработени од наставниот кадар во средните и основните училишта. Во сите овие случаи се реагира навремено според препораките на центрите за јавно здравје, со што се спречува трансмисија на вирусот, соопшти МОН.
Во сите останати случаи станува збор за учесници на онлајн-настава, при што ниту децата, ниту наставниците имале контакти со останатите од училиштата. Исто така, учениците и наставниците кои одат во изолација поради близок контакт со заразаено лице, или затоа што се позитивни на КОВИД-19, наставата ја продолжуваат онлајн, со што се обезбедува континуитет во образовниот процес.
Министерството за образование и наука апелира учениците, наставниците и родителите доследно да ги почитуваат мерките и протоколите за заштита од КОВИД-19 во училиштата и надвор од нив, затоа што само со носење маски, држење растојание и често миење и дезинфекција на рацете може да се спречи ширење на заразата.