Велика Британија ја потроши својата последна шанса со отфрлањето на Договорот за истапување од Европската Унија од страна на Долниот дом на британскиот Парламент по втор пат и нема да има нови преговори до 29 март изјави европскиот комесар за економски прашања Пјер Московиси за француската телевизија Франс 2.
– Имаше повеќе шанси. Возот помина еднаш, возот помина двапати. Имаше две гласања во британски Парламент. Европската Унија направи се што можеше за да понуди решенија, гаранции, осигурувања и уверувања, истакна Московиси.
Како што јави дописникот на МИА, еврокомесарот нагласи дека сега е јасно оти Британците откако кажаа она што не сакаат, треба да кажат што сакаат.
– Нема да има преговори во наредните денови до 29 март. Сега постои уште еден краен рок, а тоа е Европски совет на 21 и 22 март и тој можеби ќе реши… за одлагање (на Брегзитот), кое мора да биде разумно, додаде Московиси.
Тој нагласи дека ризикот од „Брегзит без договор“, е како скок од карпа, па затпа ЕУ мора да продолжи со подготовките за такво сценарио, како и за другите.
Според еврокомесарот, во наредните недели одеднаш може да дојде до воспоставување на царини меѓу Велика Британија и остатокот од ЕУ.
Московиси верува дека Европејците се „сосема подготвени“ за таквата можност, но смета дека „веројатно мора да се забрза со подготовките“.
Во врска со можноста за одлагање на Брегзитот, Московиси вели дека тоа не е исклучено, но „прашање е по какви услови и што да се прави“.
– Исто така, може да има политички рокови во Велика Британија, додаде Московиси, нагласувајќи дека земјата е поделена како никогаш досега.