Рускиот претседател Владимир Путин предложи денеска да се организира нова средба меѓу него и американскиот колега Доналд Трамп, која ќе се одржи на маргините на одбележувањето на 100-годишнината од завршувањето на Првата светска војна на 11 ноември во Париз.

– Би било корисно да го продолжиме директниот дијалог со Трамп, се разбира ако американската страна е заинтересирана за таков контакт, истакна Путин, кој оствари средба во Москва со советникот на Трамп за национална безбедност Џон Болтон.

Болтон го увери рускиот претседател дека Трамп со задоволство ќе го прифати неговиот предлог.

Истовремено Путин нагласи дека е изненаден од непријателските дејствија кои САД ги преземаат кон Русија.

Пред неколку денови Трамп изјави дека планира да ги повлече САД од Договорот за уништување ракети со мал и среден дострел, кој е склучен во 1987 година меѓу Вашингтон и Москва.