Најмалку пет лица загинаа во циклонот Кенет што го погоди Мозамбик, соопштија локалните власти.

Хуманитарните организации предупредија на евентуални поплави и лизгање на земјиштето во следните денови.

Во североисточната област Кабо Делгадо околу 3.500 куќи се оштетени, населението е без електрична енергија и најмалку еден мост е урнат.

Циклонот Кенет во четвртокот го погоди Мозамбик со ветер со брзина од 220 километри на час.

При налет на циклонот Идаи пред шест недели во Мозамбик загинаа најмалку 600 лица.

Обединети нации соопштија дека тоа е прв случај два циклони да го погодат Мозамбик во една сезона.