Коалицијата „Можеме“ на СДСМ во очекување на конечните официјални резултати од Државната изборна комисија од предвремените парламентарни избори, од денеска ќе оди на одмор сѐ до Илинден, објавија повеќе медиуми.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев разговорите за состав на новата влада ќе ги почне по 2 Август, вели за Плусинфо висок функционер на СДСМ.
– До крајот на неделава се очекуваат официјалните резултати од ДИК за изборите. Од денеска сме на одмор и се враќаме по Илинден. И лидерот на партијата Зоран Заев ќе биде на одмор. Тоа значи дека како победничка коалиција на изборите разговорите за состав на новата влада Заев се очекува да ги почне по Илинден. СДСМ и коалицијата „Можеме“ има најголем коалициски капацитет. Ќе разговараме со сите за состав на новата влада – вели функционерот.
Тој додава дека има неколку комбинации да се дојде до мнозинство од 61 пратеник за Заев да му приложи на претседателот на државата Стево Пендаровски список со обезбедено мнозинство за тој да го добие мандатот.