Престојниот празник Свети Еразмо Охридски православните верници од Охрид и околината ќе го прославуваат согласно мерките и препораките за спречување на ширењето на коронавирусот.
Дебарско-кичевската епархија преку соопштение укажува на потребата на верниците да се грижат како за духот така и за телото, а оттаму да се почитуваат мерките од Владата зашто, како што стои во соопштението, „и Црквата е дел од оваа држава и се грижи за здравјето, телесно и духовно, на сите верници и на сите луѓе“:
-Сметаме дека со нашето внимание и со грижата за себе, но, пред сѐ, со грижата за нашите ближни, можеме да придонесеме во голем дел што побрзо да се ослободиме од ова искушение. Затоа, поради настанатата состојба со корона вирусот Ковид-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание, велат од Дебарско-кичевската епархија.
Истовремено е соопштено дека оваа година нема да се поставуваат тезги во манастирскиот двор.
Празникот посветен на Еразмо охридскиот чудотворец почнува да се одбележува утревечер од 19 часот со Празнична вечерна богослужба. Празнувањата продолжуваат задутре на 15 јуни од 7:30 часот со Утрената богослужба, додека од 9 чаот е предвиден почетокот на Светата архиерејска литургија.