Романиот „Мрежата на Мамли“, пишуван минатата година а објавен пред шест месеци во „Матица македонска“, зачудувачки точно, детално и ги опишува актуелните случувања во Македонија почнувајќи од пазарењата во врска со инсталирањето на квислиншката власт преку Преспанскиот договор и уништувањето на македонскиот идентитет до оставката на Катица Јанева! Во тој контекст романот ги открива рекетарските нишки во кои е заплеткана државата но и правците во кои ќе се движи истрагата што ја води контроверзната обвинителка Вилма Русковска. „Денешен“ во оваа прилика објавува неколку извадоци од романот „Мрежата на Мамли“ на Блаже Миневски.

М р е ж а т а   н а   М а м л и

1.

Во визба на периферијата беа собрани група накази и призраци кои договараа да ја предадат долината на извесни глувци, глодари и кртови. И веројатно сѐ ќе завршеше според планот, затоа што пред себе имаа купишта илегални брбушки доставени од шмркачот на пури со искуство од слични акции во минатото, ако во глуво доба на ноќта, кога многумина спиеја со блажен сон на вртикапи, не ги намириса големиот Мамли, инспектор со инстинкт на пес. Ги фати токму во мигот кога решија со брбушките што ги поседуваат да го заразат бостанот а потоа да го уценат бостанџибашата, шефот на бостанџиите, и тој доброволно да им го предаде клучот од портата. Во лошо обграденото поле можеше да се влезе отсекаде, но влезот низ портата имаше посебно значење и тежина. Планот утврден со лица од прекутрупа предвидуваше портата во даден момент формално да ја запоседне Душко Долгоушко под менторство на Џери, а со полето и полските плашила практично да управува Том. Кога го слушна тоа поручникот скокна низ прозорецот, отворен до извесна мера поради бабунот со црвен задник, кој чувкајќи ја пурата го дуваше чадот надвор од просторијата, и ги фати како глувци во брашно. Всушност, мирисот на пурата го доведе до групата. Во секој слулчај, рипкајќи со репетиран патлак по масата забележа дека еден од присутните личи на Шеќерко, друг на Плутон, тој спроти него на Тошо Мачорот, тој до него на Скуби Ду, грбавиот лево на Пинк Пантер, оној до него на Гаргамел,  другите двајца – кепецот со ќелаво теме и оној со уши како блитва – на Калимеро и Мики Маус, убавицата до него на Тутси од филмот Глувчето доаѓа на вечера, следните тројца лево на Пинк Пантер, Гарфилд и Лале Гатор, госпоѓата десно на Гица Прасица, Бети Буп или Лилипутпут, да речеме, оние до неа на Штрумфета и Олива, со Мечето Ушко и кенгурчето Опа-Опа до нив, а во продолжение, швенкувајќи докрај, челно на масата го регистрира Том и на другиот крај Џери. Швркнатиот глодач со опаш од брбушки луштеше семки од тиква, плукајќи ги остатоците во шеширот на Брзи Гонзалес совладан од  сонлив дремеж врз некаква тетовирана минџа спружена на  подлактицата.

Пред да почне со истрагата, иако брбушките допрва требаше да бидат анализирани и дури потоа да се утврди од каде потекнуваат, инспекторот се сети на дедо му Апостол, вардарскиот Робин Худ, крал на мочуриштата, кој во една прилика рекол дека не излегол да се бори за тие што ќе го предадат туку за тие што нема да го предадат, па со таа мисла во главата констатира дека се работи за велепредавство од најтежок вид, дека на нишан е суштината, мирисот и вкусот на долината, а брбушките се само дел од проектот за промена на почвата, климата и условите за работа. При такви услови со долината ќе завладеат гадинки, глувци и кртови, а со тоа ќе биде уништена флората и фауната засекогаш. Според тоа, мора да делува брзо и ефикасно, па со сондата во форма на пендрек замавна кон Рафики, веќе спомнатиот мајмун со пура, забивајќи му ја дебелата „Черчил Џулиета“ во устата.  Потоа, со оглед на фактот што имаше искуство со вакви апсења, громко нареди уапсените да си ги врзат рацете одзади, последниот го врза тој со помош на патлакот што беше необично вешт за јазли, а дрскиот Том и брзиот Гонзалес, оној со жолто сомбреро и бело одело, стручно ги впрегна за две спротивни ногалки на масата, па двајцата можеа да влечат на две страни сѐ дури не избледат како фигури во просторот. Штом заврши со процедурата, го затвори прозорецот и го соопшти планот за распит.

Планот во кратки црти предвидуваше сослушување на сите, прво секој посебно, потоа во двојки, со вкрстено испрашување, и на крајот сите заедно со метод на долга магарица, мрежа или пајажина. Ваквиот начин на испитување беше негов изум, па во стручните кругови веќе се користеше изразот „Мрежата на Мамли“ како посебен облик на истрага. И самиот тој однекаде имаше научено дека мрежата може да се сфати како извесна направа од сплетени нишки но и како збирка на дупки поврзани во целина со помош на веќе спомнатите нишки. Второто толкување беше поттик за творечка креација во однос на постапката, и во дадениот случај одлично одговараше на неговата замисла за финален, групен распит на уловените злосторници. Во тој контекст, во минутите што следуваа, оние што можеби беа и часови, да не речам дури и векови, ѓавол ќе го знае, Мамли мавташе со детекторот во форма на патлак, извлекувајќи купишта информации од уапсените. Во стартот, при третманот на Рафики, на пример,  откри дека пурите што ги дудла со м’мкање му ги носат од Вуелта Абахо, краватите Comme des Garcons од Париз, Реј-Бан очила на Luxottica од Милано итн., а потоа дозна дека доколку дошле до клучот од портата секој од групата што сега е раскринкана ќе добиел по една амфора, часовник, сусамки со мед, пајтон со настрешница, милион шушки во ковчеже од трска и еден липицанер. Штом го спомна липицанерот инспекторот алергиски фркна со носот, прашувајќи дали е точно дека секој ќе добиел и по едно малу подебело пенкало со ташаци на крајот, но мајмунот со пура што сега веќе беше згасната, а тој сѐ уште не ја пушташе од устата, се направи како да не слушнал. Притоа, можеби затоа што поручникот Мамли спонтано ја зари сондата на детекторот за лаги докрај, Рафики почна да цимолка, повторувајќи во транс голем број вулгарности.  Пред самиот крај на распитот клепна со ушите и почна да моли за милост претајќи со чкулавиот опаш како квачка, но инспекторот не знаеше што е милост и милосрдие. Всушност, знаеше само за „убиство од милосрдие“. Го извлече истражниот алат од експертот со погана уста, го сврти кон себе со лицето, го истресе отпадниот материјал во неговиот патец над очилата и го повика следниот.

* * *

Кога сме кај следниот веднаш да кажеме дека секој од нив однапред знаеше дека е на ред по списокот залепен со лигави карактерни особини на вратата од оставата. Распоредот мораа да го почитуваат без поговор, па затоа сама, со врзани раце, зборувајќи како навиена, што би рекол Балтазар, во собата за распит влезе таа, сината со жолта коса. О-хо-хо, и сино и жолто! Плукната Штрумфета, помисли Мамли мавтајќи со сондата како со палка. Никој да не зјапа во апаратот, рече. Никој! Може да го урочите! Ајде! Давај, нареди. И тогаш, по заповед, ѕурејќи во кругот што инспекторот го правеше со врвот на алатот, осомничената стишено призна дека решила сама да се раскринка како злосторник, дека нема потреба од детектор за таа намена, дека веќе ја има во главата комплетната пријава што доброволно ќе ја достави до обвинителството и одделението за организиран криминал.

Пред да го засука фустанот, го погледна Рафики залепен на ѕидот, го опчекори столот, како што веќе имаше видено низ клучалката од оставата, и почна: „Господине Мамли, во изминатите петнаесет дена седумпати учествував во активностите на заговорот… Мојот организиран отпор требаше да трае сѐ до воспоставување и зацврстување на владеењето на законите, демократијата и заштитата на човековите права. Ете тоа, да не речете дека не сум кажала.  И да знаете,  да се разбереме, јас не сум  полтрон, и не сум слеп оптимист во врска со сусамот. Мислам, како култура. Не сум сигурна дали ќе биде подобро кога еден ден бостанот  ќе се смени со сусам! А зошто, ќе прашате. Затоа што околу мене гледам сè повеќе конформисти а не индивидуи спремни да ризикуваат. Освен омразата како калап што функционира, сега и љубовта станува дел од истиот калап. Вистинското будења од вечниот сон за подобро утре мора да тргне од срцето, мора да биде како потреба за вода, за воздух… “, издивна а нејзиниот глас почна да врти околу ламбата. „Во овој миг, сосема отворено, во состојба на искреност, самата мора да кажам дека бев разочарана уште пред да скокнете на масата. Беше јасно дека го излажаа народот а нас нѐ разочараа. На оној со клапнати уши му реков „мора да си или многу глуп или … не можам да си замислам ништо друго“. А верувавме дека  нешто може да се смени. Сега знам дека нема да се смени. И затоа не сакам да бидам дел од оваа конспирација“, рече обидувајќи се да плукне во правец на групата кај ѕидот. Во тој обид успеа само да истресе некакво ливче од градникот, го собра и го фрли кон Мамли: „Не сакам да имам ништо заедничко со нив“, додаде. „Тие требаше да ги фрлат брбушките во бостанот“, рече. „Посебно пазете на првите неколкумина. По потреба од луѓе стануваат глувци“, заврши свиткана на столот. Возбуден од признанието инспекторот го џарна волшебното стапче во ракавот и со еден поглед ги запомна сите во списокот: Емилија Александрова, Елизабета Канческа- Милевска, Крсто Мукоски, Лубен Арнаудов, Нола Исмаиловска, Сашо Василевски, Владанка  Јовановска, Панчо Минов, Томислав Тунтев, Александар Кирацовски, Анета Симеска-Димоска, Бетиане Китев, Бети Рабаџиевска- Наумовска, Благојче Трпевски, Далибор Богдановски, Диме Велковски, Жаклина Лазаревска, Јагода Шахпаска, Јован Митрески, Катерина Кузмановска, Кети Смилеска, Костадин Ацевски, Костадин Костадинов, Лидија Тасевска, Мери Лазарова, Милева Ѓоргиева, Мира Стојчевска, Панче Иванов, Ристе Ташев, Сашко Атанасов, Сашко Костов, Славица Шуманска-Митева, Тања Ковачев, Татијана Лалчевска, Фросина Ташевска-Ременски, Хари Локвенец, Горан Милевски, Горан Мисовски, Илија Николовски, Ирена Стефоска, Јулијана Николова, Никица Корубин, Павле Богоевски, Соња Мираковска, Маја Морачанин, Чедомир Саздовски и Лилјана Поповска. Какви гнаси, помисли, спремен да го фрли стутканиот лист во корпата за ѓубре но се сепна: што ако односната лаже, ако клевети; што ако луѓето се патриоти и родољуби а таа сака да ги прикаже како изроди и предавници, си рече, но немаше време за премислување – стутканата хартија летна во правецот што веќе беше избран  претворајќи се попат во измет од гугутка.Во продолжение истрагата се одвиваше без застој, иако некаква слатка дремка лебдеше во воздухот над асталот: Петре Клукајдрвчето со  нетрпение чекаше да влезе во собата за распит.

(извадок од романот „Мрежата на Мамли“, Матица македонска, 2019)

Посвета на романот

„Oвој роман го напишаа група македонски курајбери, ебиветри, шупкари, шушумиги, ветрогони, калаштури, лузери, апаши, калкуланти и конформисти.

Јас само помогнав материјалот да се пречука во Times New Roman со наша поддршка, и да се објави со финансиска помош на Курто Муртин, иако тој не признава дека помогнал со едно евро по страница.“

 Фатени во „мрежата на срамот“!

Група улави идеалисти, фатени во „мрежата на срамот“, налудничаво веруваат во својот утопистички свет што им е дошепнат како идеологија или создаден од нивната сопствена непресметаност. Соголени со помошта на една сонда, механичка деус екс макина, ставени се во ситуација да го зборуваат она што го мислат, не отстапувајќи од тоа што го прават, притоа водејќи го целиот народ сосе нив во пропаст. Во тој контекст, портретирањето на ликовите не би можело да се изведе без јазичното мајсторство и без хуморот, а најважните значења се вградени  незабележливо, како што доликува. И затоа, како за сите големи дела, отворено може да се каже дека „Мрежата на Мамли“ на Блаже Миневски е роман кој зборува за нешта што навидум сите ги знаеме, но никако не можеме да ги напишеме на ваков начин“, пишува во поговорот на романот академик Митко Маџунков.

Бесценет Наратив од Миневски

Блаже Миневски со Мрежата на Мамли на македонската книжевност ѝ подарува уште еден бесценет наратив: станува збор за роман кој влијае врз иднината на македонската литература а посебно врз иднината на романот како жанр. Романот на Миневски има пресвртничка улога во сегашниот момент на развојот на македонскиот роман и многу се разликува од сето она што тој досега го има напишано. Романот говори за моралното дно на сите можни морални дна до кое може да се спуштат оние кои мислат дека се „повикани да го земат во свои раце кормилото на државата“. Во такво опкружување литературата станува последен стражар на колективниот идентитет, сфатен не како идентитет на некаква зоолошка група-збирштина, туку како идентитет од заеднички национални митови, архетипови, преданија, историја, симболи, јазик и култура“, констатира проф. д-р Венко Андоновски во предговор на романот.

Врвна проза со лексички бравури

„Романот Мрежата на Мамли е прозен бисер на македонската книжевност, врвна проза со лексички бравури во кои бездруго би уживал и нашиот беспрекорен стилист Славко Јаневски, кој во својот богат опус користеше сличен вид на иронизирање. Дело со брилијантна наративна меморија што овозможува во еден здив да се откриваат и следат толку многу сјајни ликови и пресврти“,  напиша академик Божин Павловски за најновиот роман на Миневски.