Измените на Законот за работните односи, кој беше усвоен на вчерашната владина седница, прецизно утврдува дека недела е ден на неделен одмор и гарантира дека за над 92 проценти од работниците недела ќе биде неработен ден, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму додаваат дека законот јасно ги дефинира дејностите кои ќе можат да работат во недела и оти станува збор само за дејности кои се неопходни за функционирање на државата. Вработените во овие дејности, нагласуваат од Министерството, ќе добијат дневница повисока за најмалку 50 проценти и слободен ден во наредните седум дена.
-Во однос на стравувањата на Здружението „Гласен текстилец“ дека преку придружните и помошните дејности во недела ќе работат уште многу други компании и правни субјекти, уверуваме дека тоа е невозможно да се случи бидејќи во членот 2 од Предлогот за изменување и дополнување на Законот за работните односи е дефинирано дека помошните придружните дејности ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот преку подзаконски акт. Овој акт мора да се донесе во рок од 60 дена од денот на влегувањето на сила на законот, нагласуваат од МТСП.
Министерството за труд и социјална политика, посочуваат оттаму, законските измени кои го дефинираат решението недела да биде ден за неделен одмор го подготви во целосно транспарентен процес, а низ таков процес ќе бидат подготвени и подзаконските акти коишто треба да се донесат по усвојувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи.
Според МТСП, истовремено законското решение предвидува контрола од надлежните институции и казни за сите работодавачи кои нема да го почитуваат, што, како што нагласуваат од Министерството, е дополнителна гаранција дека правата на работниците се заштитени. Недела како ден за неделен одмор, велат, станува реалност и значи унапредување на правата на работниците во државата.