Министерството за труд и социјална политика информира дека во тек е исплатата на паричните права од социјална и детска заштита за месец јули. Почнувајќи од денеска 4 август, се врши етапна исплата на гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување и на траен надоместок.

– Со цел да се избегне метеж пред банките и да се овозможи поголема заштита на корисниците на парична помош во услови на опасност од вирусот КОВИД-19, исплатата се спроведува во три групи, во филијалите и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа на 4 август (вторник) – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, на 5 август (среда) – И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О и на 6 август (четврток) – П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш, соопштија од МТСП.

Корисниците на парични права кои поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство, од денеска 4 август.

Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење лична заштита заради спречување на ширење на коронавирусот. Сите кои ќе подигнуваат пари од банкомати или од филијалите и експозитурите на банките, се должни да носат каква било форма на заштита којашто ги покрива носот и устата и да одржуваат физичко растојание.