За време на мојата посета на САД, се сретнав со американскиот сенатор Крис Марфи од Демократската партија. Главна тема на разговорите беше поддршката за нашите евроинтеграции, реформските процеси, борбата против корупцијата и владеењето на правото, објави на Фејсбук министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
-Нагласив дека високо ја цениме поддршката од нашиот стратешки партнер за интеграцијата на нашата земја во ЕУ. Силно сме посветени на спроведување на неопходните реформи, кои ќе го интензивираат овој процес, што е во согласност со активностите во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, и тоа ќе придонесе за зајакнување на регионалната безбедност. На средбата, разговаравме и за предлог Резолуцијата за поддршка на нашето членство во ЕУ, предложена од неколку американски сенатори, што е уште една силна потврда на американската поддршка. Исто така, разменивме мислења за нашето сојузништво во НАТО, поддршката за Украина, како и за целокупната соработка во справувањето со актуелните безбедносни предизвици, истакна Муцунски.