Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински.
Како што соопштуваат од МНРиНТ, на средбата Муцунски изразил задоволство што посетата претставува продолжение на интензивниот дијалог и соработка со сојузната германска покраина Северна Рајна-Вестфалија и истакнал дека таа претставува значаен чекор кон натамошно продлабочување на партнерството, континуирана комуникација и дополнително зајакнување на меѓусебните односи.
– Соговорниците изразија задоволство од развојот на соработката на повеќе нивоа, со посебен акцент на економијата, инвестициите, внатрешните работи, образованието и културата. Во рамки на посетата, двајцата министри потпишаа нова Заедничка декларација за намери за соработка помеѓу Владата на Сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија и Владата на Република Северна Македонија за периодот 2026–2030 година. Со овој документ се потврдува заедничката посветеност за продолжување и натамошно унапредување на одличната билатерална соработка воспоставена со претходната декларација – стои во соопштението.
Муцунски изразил уверување дека новата Декларација ќе отвори нова фаза во меѓусебната соработка и ќе придонесе за дополнително јакнење на економските врски, поголемо поврзување на деловните заедници и создавање нови можности за инвестиции од Северна Рајна-Вестфалија во Република Северна Македонија.
– Тој се заблагодари за силната и континуирана поддршка што покраината Северна Рајна-Вестфалија ја дава на европската интеграција на државата и изрази задоволство што, покрај силниот економски и инвестициски фокус, новата Заедничка декларација предвидува и поддршка во области што се во надлежност на покраината, со цел придонес кон процесот на европска интеграција и усогласување со европското законодавство – велат од МНРиНТ.




