Министри за правда Албанци од минатите влади не сакаа да го решат прашањето за правосудниот испит, додека оваа Влада работи на одржливо решение за овој проблем биде надминат, истакна премиерот Христијан Мицкоски во интервју во вестите на Алсат Телевизија.
-Од прв ден сум го кажал тоа и стојам позади тоа дека ако државата дозволила да се формира високо образование на јазик различен од македонскиот, во случајов во Македонија имаме такви примери со албанскиот, турскиот и англискиот јазик и ако државата овозможила тоа да се прави, јас не гледам никаква причина теоретскиот дел од полагањето на правосудниот испит да не се врши на еден од тие јазици кој е различен од македонскиот јазик, бидејќи вие сте дозволиле да се формира високото образование на тој јазик – потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот воедно посочи дека став на Венецијанската комисија е дека мора да имаме лингва франкa, односно еден јазик во рамките на правосудството во Македонија и едното со другото во случајов не се косат.
-Од друга страна треба да кажеме исто така дека статистиката е немилосрдна и речиси 95 отсто од кандидатите Албанци кои го полагале правосудниот испит досега и теоретски и практичниот дел на македонски јазик го поминале, што значи апсолутно не станува збор за дискриминација – додаде премиерот Мицкоски.
Нагласи дека моменталниот закон ваков каков што е не го уредува полагањето, туку остава право на министерот за правда со одреден друг правен акт да го регулира полагањето на правосудниот испит, затоа, додаде, оваа Влада бара решение, за разлика од претходните влади каде и министри Албанци не го решавале проблемот.
-Изминатите години повеќе министри Албанци од редовите на ДУИ не сакале, а оваа Влада има желба и работи на тоа да најде начин како овој предмет, односно овој проблем да биде надминат, а министерот Филков е дел од оваа Влада која бара решение, за разлика од претходните влади во кои министри Албанци, за правда не сакале да го решат – рече Мицкоски.




