Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за МИА од Њујорк се осврна на односите со Соединетите Американски Држави, конкретните резултати од стратешкото партнерство, европската интеграција и односите со Бугарија, како и на активностите во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации.

Говорејќи за односите со САД, министерот истакна дека од формирањето на новата американска администрација е засилена комуникацијата на сите нивоа. Средбите со државниот секретар Марко Рубио, заменик-државниот секретар Кристофер Ландау и раководството на Стејт департментот, според него, ја потврдуваат динамиката и значењето на стратешкото партнерство.

„Стратешкото партнерство и неговата иднина, поврзана со конкретните проекти што веќе се договорени и оние што се договараат, се суштински значајни за долгорочната политичка и економска безбедност и стабилност на нашата држава“, истакна Муцунски.

Како конкретни примери од соработката, министерот ги посочи рамката во областа на трговијата, соработката со Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање – DFC, вклучително и разговорите за повеќе економски проекти, како и резултатите од Стратешкиот дијалог во областа на одбраната, борбата против тероризмот, справувањето со нерегуларната миграција и културата.

Муцунски нагласи дека македонската надворешна политика се темели на три клучни постулати: членството во НАТО, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и патот кон полноправно членство во Европската Унија.

Во однос на евроинтеграциите и разговорите со Бугарија, тој истакна дека позицијата на Владата останува јасна – земјата сака да напредува кон Европската Унија и да ги отвори преговорите, но не е подготвена да прифати компромис што нема да обезбеди предвидливост.

„За нас е значајно во сите разговори што понатаму ќе ги имаме со Бугарија да има и вклученост на Европската Унија. Битно е да има минимум уште една страна во процесот што ќе помогне да почнеме да ја градиме довербата која недостига“, нагласи Муцунски.

Тој посочи и дека се очекува комуникација од Европската Унија за идниот пристап кон политиката на проширување, при што информациите во однос на постепената интеграција ги оцени како охрабрувачки, нагласувајќи дека треба да се почека официјалната содржина на документот.

Оценувајќи ги досегашните активности во рамките на Генералното собрание на ОН, Муцунски истакна дека посетата има и билатерална и мултилатерална димензија и носи конкретни политички, економски, трговски и безбедносни резултати. Воедно, Генералното собрание овозможува проширување на дипломатските контакти и со држави надвор од традиционалниот круг партнери во Европа и САД.