Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на годишната сесија, што се одржува во јужнокорејскиот град Бусан, донесе одлука да го одложи впишувањето на Охридскиот Регион на листата на светски културни и историски наследства во опасност. Ова, како што истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, претставува значаен дипломатски успех за нашата земја, кој е производ на координирана државна акција предводена од претседателот на Владата​.

Покажавме, вели Муцунски, дека дипломатијата не е само учество на меѓународни собири, туку способност преку партнерство да се создава доверба и да се заштитат најзначајните државни и национални интереси. ​Одлуката на УНЕСКО е потврда на нашата посветеност, но и поттик за уште поинтензивна работа во периодот што следува.

– Во првичниот предлог на одлуката беше предвидено регионот веднаш да биде впишан на листата на светско наследство во опасност. ​Со усвојувањето на амандманот оваа формулација е отстранета. Охридскиот Регион во оваа фаза нема да биде ставен на листата на светско наследство во опасност и ќе го задржи статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО – рече Муцински на прес-конференцијата во Владата.

Ова, според него, претставува значаен дипломатски успех за нашата земја.

– Овој резултат е производ на координирана државна акција предводена од претседателот на Владата. ​Во целиот процес работевме во тесна координација со Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, општините Охрид и Струга, како и со нашата амбасада во Париз, која имаше важна улога во комуникација со УНЕСКО и со државите членки на Комитетот за светско наследство. ​Во изминатиот период водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме поддршка меѓу државите членки на Комитетот. ​Јасно ги претставивме нашите позиции, ги презентиравме преземените обврски и политичката волја за заштита на Охридскиот Регион. ​Работевме посветено, координирано и со јасна цел – преку дијалог да ги приближиме ставовите, да ја зајакнеме довербата кај нашите партнери и така ја обезбедивме потребната поддршка за финалната одлука – рече Муцунски.

Нагласи дека Охридскиот Регион претставува природно и културно богатство од исклучителна универзална вредност, чие значење ги надминува националните граници. ​

– Охридското Езеро со својата природна уникатност, биолошка разновидност и богато културно-историско наследство е непроценливо светско добро. ​Како дел од светското наследство на УНЕСКО, регионот е симбол на нашата историска и културна традиција, но и на регионалната соработка, одржливиот развој и заедничката грижа за природното и културното наследство. ​Одлуката на УНЕСКО е потврда на нашата посветеност, но и поттик за уште поинтензивна работа во периодот што следува. ​Јасно ги прифаќаме сите препораки на Владата за заштита и одржлив развој на регионот. ​Со дипломатскиот ангажман обезбедивме дополнителен простор за исполнување на преземените обврски и спроведување на стратегискиот план за рехабилитација до 2030 година – истакна министерот Муцунски. ​

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на годишната сесија, што се одржува во јужнокорејскиот град Бусан, донесе одлука да го одложи впишувањето на Охридскиот Регион на листата на светски културни и историски наследства во опасност. На државата ѝ е даден дополнителен рок од пет години за да ги спроведе препораките поврзани со заштитата на природното и културното наследство.