Конфликт меѓу Жозе Мурињо и Антонио Конте веќе нема и двајцата се смириле по последниот дуел помеѓу Манчестер Јунајтед и Челзи. Тоа е она што менаџерот на „црвените ѓаволи“ го изјави пред финалето на Купот на Англија.

Односите помеѓу Португалецот и Италијанецот се затегнаа по победата на Челзи со 4:0 на „Стемфорд Бриџ“ минатата сезона. Тогаш Мурињо го обвини Конте дека покажува непочитување во изразувањето на радоста за успехот.

Во текот на оваа сезона размената на зборови продолжи. Специјалниот го нарече неговиот конкурент „кловн”“ поради начинот на кој тој се однесувал околу аут-линијата. Во одговор Конте изјави дека Мурињо страда од „деменција“, бидејќи очигледно заборавил какво било неговото однесување во минатото. Тогаш Португалецот го нападна менаџерот на Челзи за неговото учество во наместени натпревари во Италија. Поради тоа, пак, Конте го нарече Мурињо „малечок човек“.

– Се е во ред. Јас подадов рака, тој го направи истото. По натпреварот во Манчестер го поканив да дојде во мојата канцеларија. Разговаравме. Нема ништо лошо меѓу нас, изјави Мурињо.