Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо се уште не е на јасно за иднината на својата ѕвезда Пол Погба, но потенцира дека Французинот никогаш не ја истакнал својата намера да го напушти „Олд Трафорд“.

За иднината на играчот има постојани шпекулации, бидејќи односот меѓу него и Португалецот е сериозно заладен во последната година. Погба беше силно поврзан со преселба во Јувентус и Барселона, но на крајот остана во Јунајтед.

Пред извесно време, играчот од средниот ред сподели дека „никој не знае што ќе се случи во следните месеци“.

– Во моментов немам поим што ќе се случува со Погба. Единственото нешто во кое сум сигурен е дека играчот никогаш не ми кажал дека сака да го напушти клубот. Погба се врати кај нас малку по Светското, па ние сме веќе речиси два месеци заедно. Во овој период, тој никогаш не зборувал за заминување, рече Мурињо.

Пол Погба е најскапиот играч во историјата на Манчестер Јунајтед откако направил трансфер од Јувентус за 105 милиони евра во 2016 година.