Португалскиот фудбалски стручњак Жозе Мурињо, со скептицизам гледа на клубовите кои се борат за место во средината на табелата во Премеир лигата.
Претходно беше објавено дека Мурињо е еден од кандидатите за функцијата тренер во Њукасл, откако место остана испразнето по заминувањето на Рафаел Бенитез.
– Мојата задача е секогаш да играм за да победам. Не сакам ако е поинаку. Кога тимот губи, тоа е проблем за мене. Се разбира, ова е проблем за играчите, клубот … Би сакал да работам во проект каде што ќе има чувство дека играме за да победиме. Да, можете да ми понудите договор за 10 години и да ја поставите задачата да го освоиме седмото или осмото место, но ова не е за мене. Мојата цел е да се борам за врвот, изјави Мурињо во интервјуто за „Гласот на тренерот“.
Педесет и шест годишниот Мурињо е без тренерски ангажман од декември минатата година кога доби отказ од Манчестер јунајтед. Претходно работеше во Челзи, Реал Мадрид, Интер, Порто, Леира и Бенфика.