Под мотото „Голема граѓанска прослава Македонија во НАТО и ЕУ” владата објави дека ќе прославува утре во 15 градови. На социјалните мрежи и во контактните емисии се разви огромно незадоволство бидејќи Владата со ова прави евтинa пропаганда, со оглед на тоа дека државава не доби ниту чиста покана за НАТО ниту датум за преговори.
Од друга страна, пак, Владата вели дека во моментов не знае колку пари ќе потроши за настапот на пејачи и музичари во 15 градови, а ветува дека информацијата ќе ја соопшти неколку дена по прославите. Не се знае ни за колкави хонорари ќе настапуваат, иако станува збор за трошење на буџетски средства.
-Дури и мотото под кое се настапува е лажно, се вели граѓанска прослава за Македонија, а не кажуваат дека бараат од граѓаните да си го сменат името, нема друга влада која слави порази, вели студентот Христијан Ментрунковси кој коментираше со други десетици на социјалните медиуми.
На удар на критика се најдоа и пејачите кои ќе настапуваат со оглед на тоа што претходно дел од нив се изјаснија дека се против договорот со Грција, а добар дел од нивниот репертоар исто така изобилува со песни каде се содржи зборот Македонија за кој сега владата води кампања да се промени.
40 изведувачи меѓу кои Кирил Џајковски, Архангел, Лозано, Љубојна, Нокаут, Владо Јаневски, ДНК, Елена Ристеска, Ерик Фокс и други ќе настапуваат како дел од подготвителните активности на Владата кои се дел од поширока кампања која треба да резултира со успешен рефрендум за промена на името и прифаќање на договорот со Грција.
Откако исконтактиравме со дел од пејачите дознаваме дека Владата претходно, пред речиси еден месец склучила рамковни договори за ангажман, чии суми остануваат тајна. Пејачите добар дел од нив и незнаат за која цел ќе пејат ниту дека стануваат предводници на една кампања за промена на името, која се наоѓа на удар на јавноста.
– Не знаев дека ќе пејам на настанов, имаме договор со владата уште пред да се случи ваквиот расплет на настаните, никогаш не сум бил вовлечен во политика, вели еден од пејачите за Курир.
Ристо Вртев од Архангел потврдил дека ваквата работа била договарана пред извесен период и дека не е од сега.
Инаку Архагел по повеќе години пауза има нов сингл „Пинокио“ со кој ги исмева актуелните општествени случувања.
Дел од изведувачите кои утре треба да настапат на прославата што ја организира Владата за поканата за членство во НАТО јавно реагираат велејќи дека не биле информирани дека ќе настапат на манифестација по повод поканата на Македонија за влез во Алијансата, туку им било кажано дека ќе настапат на културна манифестација за што потпишале и договор.
„Ни кажаа дека е културен настан на кој ќе настапуваат повеќе артисти низ повеќе градови, без присуство на политички странки, говори, пропаганден материјал и слично. Станува збор за големо недоразбирање. Излезе дека повеќе артисти не знаеле за каков тип на настан станува збор, меѓутоа, некои од нас веќе имаат потпишано договор за настап за кој немаше подетални информации. Не се криеме и не бегаме од тоа дека настап на ваков настан не ни е во прилог и е против нашата идеологија, но се надеваме ќе разберете во која ситуација се најдовме без да сакаме и самите ние“, велат од бендот „Conquering Lion“, кои се против Македонија да влезе во НАТО.
Член на рап бендот С.А.Ф. Митко Гаштаровски-Пикисипи вели дека е против промена на името во Северна Македонија и на „Фејсбук“ напиша дека ќе настапи на прославата затоа што тоа било единствен начин да се сочува ова парче земја кое се вика Македонија.
„Ќе настапам како дел од формацијата С.А.Ф. затоа што тоа е единствен начин (според мене) да се сочува ова парче земја кое се вика Македонија без понатамошно делење итн.. Покана за НАТО???? Не под услов!!! Песните наши ги знаете, не се баш за славење. Единствена песна која е за прослава ‘Раце горе’ нема да ја изведуваме, бидејќи денеска или на 14 јули не се чувствувам дека треба да славам. Нека биде последен концерт засекогаш! Сите овие години откако творам како што знам, никому не сум украл ништо, мирно спијам. Никогаш не сум настапувал за некаква политичка опција. Изненаден од фактот дека сме добиле покана за НАТО и од желба да се видам со другарите реков – во ред, ако сакаат другите ќе дојдам и јас, но без политички амблеми. Морам да признам дека сум изненаден од блуењето од т.н. фанови кои веднаш знаат да маваат со камења. Јас ќе останам доследен на своето дело и тие што ќе бидат на концертот во Струга ќе може од прва рака да слушнат што мислиме како С.А.Ф. за новонастанатата ситуација. Истата оваа Влада (партијата) ни го цензурираше концертот од 1998 година кога беше напишан албумот. Сега нè кани на заедничка прослава, иако на плакатот нема партиски обележја“, напиша Гаштаровски-Пикисипи.
Адвокатот Јанаки Митровски од Скопје им понуди бесплатна правна помош на изведувачите кои сметаат и велат дека се изгирани.
„Повеќе артисти се јавија дека биле во заблуда, или на некој начин не знаеле во што се впуштаат кога потпишале договор за прослава на некаква си покана за НАТО. Заблуда, согласно законот за облигациони односи, е основ за раскинување на договор. Му нудам на секој артист бесплатна правна помош доколку сака да го раскине договорот. Доколку треба артистите да плаќаат пенали поради тоа, фер е да се помогне. И тоа прво од оние што сте најгласни. Отвараме сметка и донираме пари за таа цел. Јас прв донирам. Артисти охрабрете се, можеби ке изгубите еден хонорар ама ке добиете милион фанови, за интегритет да не збориме“, пишува Митровски на социјалните мрежи.