Дојавите за бомби во девет средни скопски училишта се лажни. МВР информираше дека се завршени проверките во сите девет училишта, кои денеска добија мејл со закана дека е поставена експлозивна направа.
– Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. – велат од МВР.
Инаку веќе втор ден лажните бомбаши кои праќаат мејлови со закана за поставени бомби во училиштата сеат страв и паника кај учениците.
Според министерот за внатрешни работи пак Оливер Спасовски, казната за испраќачите на лажните дојави треба да биде најстрога, бидејќи станува збор за монструозен чин со кој се заплашува јавноста злоупотребувајќи ги училиштата и вознемирувајќи ги учениците и нивните родители, но и сите граѓани.
За разлика од денеска, вчера имаше дојави за бомби во осум скопски средни училишта, но и вчерашните контроли на МВР покажаа дека станува збор за лажни пријави.