Три малолетни лица од Скопје заработија кривични пријави поради сомнение дека извршиле разбојништва и дрски кражби во централното градско подрачје.
-Секторот за внатрешни работи Скопје ќе поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство-Скопје против тројца малолетници од Скопје (на возраст од 15, 16 и 17 години) поради основано сомнение за извршени кривични дела разбојништва и дрски кражби во централното градско подрачје, соопшти МВР.
Осомничените, како што е наведено во соопштението, со сериозна закана, употреба на физичка сила и нож врз малолетници во вечерните часови во периодот од 18 до 21 часот одземале пари, мобилни телефони, часовници и друго.
Во извршениот разговор, осомничените ги признале делата и го појасниле начинот на извршување. По насока на јавен обвинител, извршено е и препознавање од страна на десетина оштетени лица, кои ги препознале малолетниците како сторители на кривичните дела.