Движењето ПРАТО на поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, реагира и бара од Алексис Ципрас јавно да изрази несогласување до министерот за одбрана Панос Каменос за изјавата во грчкиот Парламент, за „договор под маса на Коѕијас и Заев“, јави МИА од Атина.

– Го повикуваме министерот за надворешни работи и премиер Алексис Ципрас, веднаш и јавно да изрази несогласување до претседателот на Независни Грци за клеветата во грчкиот Парламент за „веројатно постоење на таен договор Коѕијас – Заев“. Изјавата на коалицискиот партнер во Владата, во однос на Договорот од Преспа, целосно ги присвојува екстремно десничарските измислици за „тајна дипломатија на грчката Влада“, како и неприфатливите навреди од опозицијата за „размена“, соопштуваат од „ПРАТО“.

Реакцијата од движењето на Коѕијас доаѓа по изјавата на коалицискиот партнер во грчката Влада, министер за одбрана и лидер на Независни Грци кој, како што вчера објавивме, од собраниската говорница рече дека „Договорот од Преспа е мртов, бидејќи Заев со неговите континуирани изјави, го негира самиот договор“.

– Освен ако нема направено друг договор, под маса, со Коѕијас. Тоа треба да го каже јавно. Но, ние не знаеме таков договор, рече Каменос, говорејќи од Парламентот.