Утре министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Брисел, во зградата на Европската комисија, заедно со албанскиот министер за внатрешни работи Бледар Чучи и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон ќе потпишат обновени договори за борба против тероризмот, соопшти вечерва МВР.
Целта, како што е наведено во соопштението, е спроведување на Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан.
– Пред самото потпишување на договорот министерот Спасовски ќе оствари трилатерален работен состанок со Јохансон и Чучи на кој ќе се дискутира за управувањето со миграциите, особено ЕУ акцискиот план за западно-балканската рута, Извештајот за механизмот за суспензија на визи, организиран криминал и тероризам, се наведува во соопштението од македонското МВР.
Информацијата за својата утрешна активност ја објавува и министерот Спасовски. Потпишувањето на договорот се случува во период кога неколку месеци веќе МВР интервенира во училишта поради дојави за лажни бомби. Засега е откриен само еден случај за лажна дојава на малолетник на кој МВР му поднесе кривична пријава.