Неколку лица, меѓу кои и активистот Драган Угриновски биле повикани поради најавите за цивилни стражи на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас и организираното чествување на роденденот на великанот в сабота во Скопје.
Според информациите до кои дојде „А1он“ , Угриновски бил спроведен на информативен разговор во полициската станица Бутел без да добие покана од одделението за компјутерски криминиал, а бил спроведен не затоа што објавил заканувачки статус, туку за да биде предупреден да не пишува ништо што би можело да се толкува како говор на омраза.
– Околу 18.30 часот завчера ми тропна полиција на врата. Ми рекоа дека се работи за компјутерски криминал. Јас отидов со нив во полициската станица и веднаш прашав „за какво обвинение ме теретите“, односно ги прашав полицајците за каква објава сум повикан на информативен разговор. „За да те предупредиме да не пишуваш оти тоа е говор на омраза“, рекоа – истакна Угриновски за „А1он“.
Од МВР му препорачале да не оди на чествувањето за да не се прават проблеми, но тој им рекол дека не гледа ништо спорно во тоа да се оддаде почит како човек кој си ја сака Македонија.
– Дознав дека и во други градови се повикани луѓе на информативен разговор, моите информации говорат дека се стотина граѓани. Никој не сака инциденти на такви големи настани. Ние ќе седиме дома, а за Џамбаски црвен тепих. Ми се извинија, но им појаснив дека не е убаво да ме спроведуваат со полиција без претходно да ми достават покана – додаде тој.
Од МВР за „А1он“ велат дека полицијата е овластена да повикува граѓани за да собира известувања, но и превентивно да делува поради избегнување на потенцијално кривично-правни настани.
Извор: А1он