Министерството за внатрешни работи заклучно со 27 декември има 100 проценти реализација на буџетот. Поточно од обезбедениот буџет за 2022 година во износ од 10,30 милијарди денари, досега се искористени 10,29 милијарди, односно точно 99,92 проценти, информираа денеска од МВР.

– Или поединечно во конта, процентот на реализација на конто 40 изнесува 99,97 проценти, за контото Стоки и услуги е 99,77 проценти, за Субвенции и трансфери е 99,21 проценти, а во делот на Капитални расходи реализацијата е 99,97 проценти, се вели во соопштението.

Со најголем дел од средствата се реализирани инвестиции за реконструкција на полициските објекти. Реновирани се седум објекти и тоа Одделот за заштита на определени личности и објекти, ОВР Радовиш,  ЕВР Карпош, ОВР Берово, ОВР Делчево, ОВР Свети Николе, ЕВР Гази Баба, со мерки за енергетска ефикасност. На 15 објекти низ целата држава, посочуваат од МВР, се поставени соларни панели и  монтирани повеќе од 1.500 високо ефикасни инвертер клима уреди, со што се исфрлени дрвото и мазутот како енергенси, што придонесува до околу 30 проценти заштеди во електрична енергија.

– Со средства од буџетот на Министерството, годинава практично, целосно е заокружено материјалното обезбедување на униформираните полициски службеници. Набавени се 8.500 пара високи специјални чизми и 10.000 парчиња ремени со кои се заврши циклусот на опремување на полицијата, се наведува во соопштението од МВР.

Променет е и голем дел од компјутерската инфраструктура стара повеќе од две децении, со набавка на 1.500 компјутери, а започнат е и процесот на модернизација на печатницата на МВР, преку замена на машините стари и по три – четири децении, со нови дигитални машини.

Во текот на 2022 година направена е и промена на застарениот видео надзор, а на дел од локациите за првпат е поставен видео надзор.

– Исто така, во тековната година беше реализирано третото зголемување на платата за 5 проценти во период од 6 години, а исплатени се бонус плати и за околу 6.000 вработени, за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година, информираа денеска од МВР.