Утрово има дојави за поставени експлозивни нaправи во неколку средни училишта во Скопје, информираа за МИА од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму посочуваат дека утрово во СВР Скопје е пријавено дека на електронски адреси на неколку средни училишта во скопско е упатена закана за поставена експлозивна нaправа.

Полицијата е на терен и ги проверува просториите во училиштата.

Ова е втора дојава за бомби во училишта и институции во Скопје оваа недела. Во вторникот закани по меил добија девет средни училишта и Народна банка, за кои по полициската проверка беше утрдено дека биле лажни.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека серијата дојави до скопските училишта и институции во изминатиот период се класичен пример за хибридни закани и оти се води истрага.

Инаку, Спасовски, неговиот албански колега  Бледар Чучи и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон денеска во Брисел ќе  потпишат обновени договори за борба против тероризмот со цел спроведување на Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот  во Западен Балкан.

Пред потпишување на договорот министерот Спасовски ќе оствари трилатерален работен состанок со  еврокомесарката Јохансон и со министерот Чучи.

На состанокот ќе се дискутира за управувањето со миграциите, особено ЕУ Акцискиот План за Западно Балканската рута, Извештајот за механизмот за суспензија на визи, организиран криминал и тероризам.