Тетовската полиција ќе поднесе пријави за четири лица кои вчера се затекнати во угостителски објекти, а при тоа немале сертификати за вакцинација против Ковид-19. Акциска контрола била спроведена од 23:00 до 2:00 часот по полноќ заедно со пазарна инспекција, а биле опфатени четири угостителски објекти во Тетово.
-При контролата, во угостителски објект на улица „Димо Гавровски-Кара“ биле затекнати и со соодветни поднесоци санкционирани четири лица од тетовските села Шемшово, Нераште, Мала Речица и Џепчиште, кои не поседувале сертификати за примена вакцина против Ковид-19 и две лица без документи за идентификација. Двете лица без документи се приведени во Полициска станица Тетово за натамошна постапка, а санкции ќе следуваат и за угостителскиот објект, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во угостителски објект на улица „Маршал Тито“ бил затекнат еден малолетник и нему ќе му биде изготвен поднесок по член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.