Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска проследи дел од физичката селекцијата на кандидатите за полициски службеници, пријавени на последниот оглас.
Во Центарот за обука на МВР во Идризово, во тек е селекцијата на 600 најдобри, од пријавени на последниот оглас 2.391 кандидати, од кои 1.940 машки и 451 жени, сите од различни националности.
По направената селекција преку психофизичка подготвеност, општо- образовниот тест, интервјуа, безбедносни проверки и здравствени прегледи, нагласи Спасовски, комисијата треба да ги избере најдобрите.
– Кога ќе заврши целиот процес на селекција кандидатите почнуваат со обука во три модули по четири месеци. Имаме теоретски и практичен дел. За секој од модулите се прави ранг листа и се избираат 600 кандидати за прием. Во Законот за внатрешни работи е предвидено на обуката да учествуваат 10 проценти повеќе кандидати од бројот што се бара. Значи на овој оглас ќе имаме потпишано договор со 660 кандидати кои ќе ја посетуваат обуката, а на крајот ќе бидат примени 600 кои ќе бидат најдобри, изјави Спасовски појаснувајќи дека тоа е така уредено со цел да има мотивација и натпревар на кандидатите во однос на резултатите кои ги остваруваат на модулите.