Премиерот Зоран Заев разговарал со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, а денеска по отворањето на 31. бензинска станица на Лукоил во државата ќе има и состанок со него, а како што посочи, средбата била закажана уште пред десеттина дена и не е поврзана со неговиот телефонски разговор со руските пранкери, кои му се претставија како Петро Порошенко и Јенс Столтенберг.

-Ние имаме редовна комуникација со сите амбасадори. Оваа средба е закажана уште пред десеттина дена. Сметам дека овие пранкови или фејк перформанси претставуваат приватни работи, не се акт од Руската Федерација и не смеат ваквите работи да се испречат пред нашите пријателски односи. Соработката со Руската Федерација е една од нашите цели, зајакнување на таа соработка на економски и на секаков план, нагласи Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали досега разговарал со Баздникин за телефонските разговори со лажните Порошенко и Столтенберг, во кои меѓу другото кажал дека српскиот претседател Александар Вучиќ е под влијание на Русија.

Заев нагласи дека тој се залага за пријателство и унапредување на регионалната соработка и оти во разговорите со руските пранкери тоа било потврдено.

Напомена дека се залага за решавање на косовското прашање по примерот на Преспанскиот договор и оти посакува просперитет на Албанците и на сите граѓани кои живеат на Косово.

Истакна дека познато во јавноста е дека Русија не сака Македонија да биде членка на НАТО, но не поради самите нас, туку поради тоа што против проширувањето на Алијансата.

-Ние сме мала земја сакаме да бидеме пријатели со сите и да го задржиме пријателството дури и со оние кои се против проширувањето на НАТО. Нашата намера не е непријателство кон Руската Федерација со тоа што ќе станеме членка на НАТО, напротив верувам дека со тоа само ќе го задржиме мирот во С. Македонија и во целиот регион, додаде Заев.

Лукоил ја отвори 31-та бензинска станица во Македонија

Во присуство на претставници на Владата на Македонија, на Амбасадата на Руската Федерација и на локалната самоуправа, деенска во Арачиново официјално беше отворена 31-та бензинска станица на „Лукоил“ во земјава.

Новата бензинска станица со 12 вработени, е изградена на површина од 2000 м2 и е повеќенаменски комплекс со маркет, паркинг за лесни и тешки товарни.

-Новата бензинска станица е дел од стратегијата на нашата компанија за проширување на македонскиот пазар. Нашата цел е секојдневно да го подобруваме квалитетот на животот на нашите потрошувачи, снабдувајќи ги со висококвалитетни горива и најефикасна услуга,, изјави Андреј М.Куку, регионален управител на „Лукоил Македонија“.

Премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор Сергеј Безднекин, истакнаа дека инвестиите на „Лукоил“ придонесуваат за развој на економијата во земјава.

-Новата бензинска станица на „Лукоил“ е од извонредно значење за овој регион и ќе ги задоволи потребите на жителите на општините Гази Баба и Арачиново, како и на сите патници и деловни луѓе кои фреквентно го користат регионалниот пат Скопје-Куманово. Секако, од значење е и отворањето на новите работни места како и придобивка за жителите на локалните заедници во двете општини. Ова е убава прилика со неколку зборови да потсетиме на нашата одлична соработка со компаниите кои доаѓаат од Руската Федерација, како и нашата принципиелна соработка со Руската Федерација, како значаен трговски партнер на РСМ со кој остваруваме интензивна трговска соработка која постојано бележи константна вредност, изјави премиерот Заев.

Амбасадорот Бездникин рече дека дејноста на „Лукоил“ е видлив пример за успешна реализација на инвестициски проект, што позитивно влијае врз формирањето на објективниот образ на Македонија, која, како што наведе, е заинтересирана за унапредување на заемно полезна соработка меѓу двете земји и нивните братски народи.

– Ја забележуваме подготвеноста на Владата предводена од премиерот Зоран Заев. Отворени сме за продлабочување на нашата соработка, за проширување на истата врз нови сфери во тој степен, во кој тоа им одговара на нашите заеднички интереси, рече амбасадорот Баздникин.

Покрај премиерот и амбасадорот на отворањето присуствуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, градоначалниците на Општина Гази Баба и Општина Арачиново, Борис Георгиевски и Миликие Халими, како и други претставници на државните органи и локалните власти.

Лукоил во земјава има вкупно 31 бензинска станица, од кои 10 во Скопје и околината, по три во Тетово и во Битола, по две во Куманово, Охрид, Струмица и Гевгелија, и по една во Кичево, Прилеп, Велес, ,Штип, Кочани, Радовиш и на Стража.